Манчестер Сити се обидува да го ангажира Килијан Мбапе. „Кадена СЕР“ тврди дека на почетокот на неделата еден од менаџерите на напаѓачот бил во Манчестер и имал средба со претставници на англискиот гигант.
Во принцип, официјален агент на Французинот е неговата мајка Фаиза Ламари. Сепак, има и тројца мажи кои се многу блиски со Мбапе и ја играат улогата на негови неофицијални претставници. Еден од нив е забележан минатиот понеделник во Манчестер, каде ја посетил базата на Сити. Тоа се случило утрото кога тимот на Пеп Гвардиола тренирал пред да полетаат за Данска за нивниот дуел од Лигата на шампионите со ФК Копенхаген.
Следниот ден, вторник, Мбапе го известил претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи за неговата одлука да го напушти клубот како слободен агент. Но, веста за ова медиумите ја пренесоа дури во четвртокот.
Уште еден од агентите на светскиот шампион беше во вторникот во Германија на натпреварот помеѓу Реал Мадрид и локалниот РБ Лајпциг, а дури беше забележан како седи во ложата.