Еден од лидерите на Борусија Дортмунд, Марко Ројс, изјави дека претстојното Европско првенство ќе му биде последно, доколку биде избран во репрезентацијата на неговата татковина.
- ЕП 2024 ќе биде мојот последен турнир во Германија и на домашен терен. Ова е нешто многу посебно. Според тоа, се трудам да се претставам во најдобро светло пред селекторот, да бидам пример со својата игра и да го отежнам неговиот избор за тимот, изјави 34-годишниот фудбалер за „Билд“.
Ројс има 48 натпревари и 15 гола за германската репрезентација. Неговиот прв голем собир беше на Евро 2012. Поради повреда го пропушти Светското првенство во Бразил 2014 година, на кое Бундетимот триумфираше со светската титула.
Повреда го спречи да игра и на Евро 2016, но Ројс играше на несреќното за „панцирите“ СП во Русија во 2018 година, каде не успеаја да ја поминат ниту групната фаза. Фудбалерот на Дортмунд не беше вклучен во составот за ЕП 2021 година.
Фудбалерот последен пат играше за националниот тим во 2021 година во светски квалификациски натпревар против Лихтенштајн, освоен со 9:0, на кој постигна и гол.