Тензиите во Баерн се огромни, а поразот од Бохум во Бундеслигата со 2:3 уште повеќе ја вжешти ситуацијата. Некои од играчите се против тренерот Томас Тухел, но ќе мора да го трпат уште некое време, тврди „Атлетик“.
Причината е што, во моментов, клупските газди немаат сигурна опција за негова замена, бидејќи моментално нема многу достапни кандидати за позицијата на пазарот. Затоа, најверојатно ќе чекаат до крајот на сезоната, а број 1 на нивната листа е Чаби Алонсо. Поранешниот играч за врска на Баварците прави чуда во Баер Леверкузен, кој има осум бода повеќе од Баерн Минхен на врвот во Бундеслигата. Со тимот се поврзува и името на Жозе Мурињо.
„Билд“ пишува дека против Тухел се побуниле Џошуа Кимих, Томас Милер, Матијас де Лихт, Серж Гнабри, Леон Горецка и Матис Тел. Однесувањето на искусниот Кимих е показател за односот меѓу тренерот и играчите. Германскиот репрезентативец беше сменет по еден час игра против Бохум, а кога излез од теренот, влезе во жестока дискусија со еден од помошните тренери, а според некои извори, двајцата за малку ќе се пресметале.
Сето ова доаѓа по огромното незадоволство кај симпатизерите предизвикано од трите последователни порази - од Баер и Бохум во Бундеслигата, како и од Лацио во Лигата на шампионите.