Јирген Клоп би бил идеален селектор на Германија, бидејќи ги „симболизира сите германски ставови“ и „на луѓето тоа ќе им се допадне“, изјави денеска поранешниот капитен на националниот тим, 47-годишниот Михаел Балак.
Клоп минатиот месец најави заминување од тренерската должност во Ливерпул на крајот на оваа сезона и порача дека планира да се одмори пред евентуален нов ангажман.
Клоп (56) во Германија долго време е најсериозен кандидат за селекторската позиција која во моментов ја извршува Јулијан Нагелсман, но неговиот договор истекува по завршува на ЕУРО2024.
„Во нормален тек на неговата кариера еден ден би требало да биде германски селектор. Би сакале тоа да се случи еден ден, бидејќи тој ги поседува потребниот квалитет и карактер, кои, всушност, ги симболизираат сите германски ставови. Потребен ни е лидер како него. Кога ќе биде подготвен, мислам дека тоа ќе им се допадне на луѓето“, рече Балак во англискиот поткаст „Football’s Greatest“ (Фудбалски великани).