Напаѓачот на лидерот во италијанското фудбалско првенство Интер, Маркус Турам (26) ќе отсуствува од теренот околу две недели поради повреда на мускулот на десната нога.
Францускиот репрезентативец се повреди за време на првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампиони против Атлетико Мадрид што се одигра во вторникот во Милано.
Интер денеска изрази надеж дека Турам ќе му биде на располагање на тренерот Симоне Инзаги за реваншот во Мадрид на 13 март, кога Интер ќе ја брани минималната предност од 1-0 што ја стекна пред своите гледачи.
Турам со сигурност нема да биде во составот на Интер за првенствените дуели против Лече, Аталанта и Џенова кои се на распоредот во следните десет денови.
Интер во моментов е првопласиран во Серија А со девет бодови предност и еден натпревар одигран помалку во однос на второпласираниот Јувентус.