Камерунската фудбалска Федерација соопшти денеска дека суспендирала дури 62 фудбалери и тоа сите поради лажирање на нивните години.
Најпознат меѓу суспендираните е Вилфред Натам Дуала, кој настапи за Камерун на неодамнешниот Куп на африканските нации.
Дуала привлече внимание пред стартот на Африканскиот куп кога доби дебитантски повик во репрезентацијата, а беше пријавен дека е на 17-годишна возраст.
Сите суспендирани фудбалери во моментов настапуваат во камерунската лига.
Најмногу играчи кои ги фалсификувале своите датуми на раѓање доаѓаат од клубот Спорт Академи, вкупно 13.
По седуммина играчи се суспендирани од камерунските прволигаши Викторија Јунјатед и Фортуна.