Неверојатно звучи податокот со кој саудискиот тим Ал Хилал се пофали на социјалните мрежи. Тимот од Ријад победи на 28 последователни натпревари во сите натпреварувања и со тоа постави светски рекорд во историјата на фудбалот, кога се во прашање екипите кои се натпреваруваат во првите лиги.
Сините од главниот град на Саудиска Арабија во вторникот вечерта во Џеда го совладаа Ал Итихад во реваншот од четвртфиналето на азиската Лига на шампиони со 2:0 и се пласираа понатаму со вкупни 4:0.
На овој начин Хилал ги прескокна велшките Њу Сејнтс, кои претходно имаа 27 победи во низа, како и холандски Ајакс, кој имаше две импресивни серии во својата богата историја – 26 и 25 победи. Бразилската Куритиба забележа максимални 24 победи, Баерн Минхен 23, Реал Мадрид 22, Манчестер Сити 21, Ренџерс од Глазгов 20...
Последниот дуел во кој Ал Хилал не победи го одигра на 21 септември во Аба против Дамак - беше 1:1. Последен пат Хилал загуби на 12 август против Ал Наср во Купот на арапските клупски шампиони, по продолженија.