Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, увери дека неговиот тим нема да се потпре на водството од 1:0 во првиот натпревар против Атлетико Мадрид во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите во шпанската престолнина.
- Знаеме без сомнение дека ќе биде многу тежок и важен натпревар на стадион на кој Атлетико има 13 победи и едно реми оваа сезона во Ла Лига. Ноќите во Лигата на шампионите се посебни и сакаме да дадеме се од себе за да го продолжиме ова патување. Имаме мала предност од првиот натпревар, но ќе се обидеме да го заборавиме тоа и да признаеме дека на моменти Атлетико покажа што може да направи на Сан Сиро, изјави Инзаги за Скај Спорт Италија.
Во однос на настапите во текот на целата сезона, Италијанецот е на мислење дека добро се справуваат и против оние кои чекаат и бранат и против оние кои се поагресивни.
-Не знаеме што ќе направи Атлетико, тие сакаат да го променат својот пристап, можат да играат 3-5-2 и 4-4-2 и имаат играчи со голем квалитет. Мислам дека системите не ја прават разликата, туку како играчите ја толкуваат играта, истакна тој.
На крајот упати и пофални зборови за тренерот на „јорганџиите“, Диего Симеоне.
-Сите знаеме што е Атлетико. Чоло е одличен тренер, тој беше одличен соиграч и останува пријател, заклучи Инзаги.