Македонската фудбалска репрезентација до 19 години ги загуби шансите за пласман на Европското првенство што ќе се одржи ова лето, откако денеска загуби од Швајцарија со 2-0 во рамки на 2. коло во групата 7 во квалификациите во елитната рунда.

По стартниот пораз со идентични 2-0 од Украина, избраниците на селекторот Тони Јакимовски попладнево беа поразени и од Швајцарија и останаа без теоретски шанси за првото место во групата кое носи пласман на завршниот турнир од 15 до 28 јули во Северна Ирска.

Стрелци на головите за Швајцарија беа Пол Лигуе во 12 минута и Ромео Бенеј во 80 минута.

Македонските фудбалери елитните квалификации ќе ги заокружат во вторник против Латвија, која денеска, исто така, го претрпе вториот пораз и беше совладана од Украина со 3-0.

Украина и Швајцарија водат на табелата со 6 бодови, а Македонија и Латвија се без освоен бод.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2024 04:18