Португалскиот тренер Жозе Мурињо изјави дека се уште е без ангажман, но додаде дека би сакал да преземе клуб во текот на летото, пренесуваат локалните медиуми.

Мурињо (61) беше отпуштен од Рома пред нешто повеќе од два месеци по лошите резултати во Серија А. Тој беше почесен гостин на трката од шампионатот во Мото ГП за Големата награда на Португалија на патеката Портимао.

Португалскиот стручњак пред почетокот на трката разговараше со домашни и странски новинари.

„Нула вести за мојата иднина. Немам клуб, слободен сум, но сакам повторно да работам од лето“, изјави Мурињо.

Тој не ја исклучи можноста во текот на летото да преземе клуб од Португалија.

„Никогаш не вели никогаш, особено во фудбалот. Мојот живот е фудбалот, можам да работам секаде, немам проблем со тоа“, изјави Мурињо, кој претходно беше тренер на Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Челси, Реал, Интер, Порто и Леирија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2024 03:34