Поради губење на просториите и седиштето на Демократската партија на Македонците (ДПМ) во Панчево, отпуштањата, опструкциите, неможноста за политичко организирање, Македонците од ДПМ денеска протестираа пред своите простории и го повикаа раководството на Република Македонија да реагира и да ги заштити, јави дописникот на МИА од Белград.
Во соопштението до медиумите на ДПМ се наведува дека во пресрет на локалните избори во Србија на 2 јуни и можноста што ја имаа за соработка со владеачката СНС по разговорите водени со градоначалникот на градот Панчево, Градската управа одлучила да ги исели од просторитте (20м2) во кои над 20 години е седиштето на ДПМ.
-Целосно разочарани од ваквиот развој на ситуацијата, решивме јавно да излеземе и да го изразиме нашето незадоволство од нефер односот кон најголемата малцинска национална заедница во Панчево. Локалните власти на градот Панчево со закани, опструкции, подметнувања, отпуштања, не ни дозволија политички да се организираме, ни забранија општински оверувачи за изборите, ја исклучија струјата во споменатите простории, за да не спречат собирање на потписи, сето ова поради тоа што во Панчево не има 5000 Македонци според последниот попис, а многу повеќе во вистинска смисла. Значи, на Македонците на територијата на градот Панчево, општина Опово и општина Пландиште им се забранува да имаат макар и еден одборник во локалните самоуправи, се вели во соопштенеито на ДПМ.
Во него се додава дека „сакаме да веруваме дека тоа не е став на раководството на Република Србија, туку став на локални моќници кои не бираат средства да донесат што е можно повеќе потписи (гласачи) во централниот штаб и да се додворат“.
Од ДПМ бараат да си ги остварат најосновните граѓански и малцински права, потенцираат да ваквиот соживот на Македонците во Србије е неподнослив и го повикуваат раководството во Македонија да ги заштити.
-Ние Македонците сме конститутивен, братски народ, лојален на Република Србија, ги дадовме нашите животи во сите претходни војни, кои не беа малку на овие простори, редовно плаќаме даноци и затоа сакаме да ни се овозможи да ги оствариме нашите најосновни права. Заплашувањето, заканите и асимилацијата не се фер однос кон нас, бидејќи додека ова ни се случува во Србија, во Република Македонија српската национална заедница добива министер, тие имаат пратеници, а нам ни е ускратено правото и на обичен одборник во локалната самоуправа. Поради сето ова, сметаме да сега е јасно дека соживотот на нас Македонците на територијата на Република Србија станува неподнослив и сметаме дека, меѓу другото, тоа е последица на невниманието на нашата матица за нашата позиција во последните 7 години. Во тоа име ја користам приликата да го повикам раководството на Република Македонија да реагира и да не заштити, во спротивно на следниот попис нема да има Македонци на територијата на Република Србија, изјави претседателката на ДПМ Маја Георгиевска