Света архијерејска Литургија денеска беше одржана во Бигорскиот скит, посветен на солунските браќа, во селото Битуше, во спомен на сесловенски просветители, солунските браќа Кирил и Методиј.

Пред голем борој верници и почитувачи на делото на светите Кирил и Методиј, најпрво беше одржана утрена богослужба а со Светата архијерејска Литургија чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со архимандритите и јеромонасите од бигорската Обител.

Владиката во своето слово меѓу другото рече дека денешниов ден го краси споменот на нашите свети родоначалници и просветители, божествените Кирил и Методиј, рамноапостолните учители на словенските народи и порача „да се покажеме достојни за дарот на писмото“.

-Нека биде со нас благословот на светите браќа Кирил и Методиј, кои секогаш ни се тука блиску. Ние треба само да го прегрнеме нивното дело, да продолжиме по патеките што тие ни ги покажаа и да им ветиме дека ќе бидеме добри Христијани, дека од нашата уста секогаш ќе излегуваат единствено добри и полезни слова. А тие, пак, кои имаат дар и призив за пишување, нека пишуваат само убави нешта, за надоградба и радост на Црквата Христова, посака владиката Партениј.

На Светата Литургија присуствуваа сите монашки заедници под духовно раководство г. Партениј, односно братството на Бигорскиот манастир и сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино а одбележувањето на Денот го збогати и настапот на КУД „Бисер“ од Кичево.

Скитот посветен на светите сесловенски просветители, солунските браќа Кирил и Методиј се наоѓа на висорамнината под планината Крчин, над долнореканското живописно село Битуше, општина Маврово и Ростуше.

Темелите беа осветени и поставени на 31 мај 2014 година, а првата литургија беше одржана на 24 мај 2017 година.

Иницијативата за градење и идејното решение беа на владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој,како што секогаш вели „ има голема љубов и почит кон светите браќата Кирил и Методиј“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2024 23:49