Во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложбата на мултимедијалниот уметник Златко Крстевски. Станува збор за несекојдневен проект од мејл арт уметноста насловен „Коперникус 551“. Со ова се одбележуваат 551 година од раѓањето на Никола Коперник. Изложени се преку 100 дела на педесеттина уметници од 34 земји кои на свој начин го доживуваат Коперник. Мејл арт уметноста е нов начин на уметничко изразување и преку него се промовираат низ светот.

-Мејл-артот, наречен уште како мрежна уметност или уметност на коресподенцијата е еден од најголемите андерграунд уметнички феномени на 20 век. Идејата е хумана и космополитска, да се биде дел од една поширока глобална заедница која ги споделува вредностите на уметноста и културата. Кругот на уметничко пријателство е отворен преку формата на таа комуникација - во овој проект тоа е празната поштенска картичка која уметникот треба да ја исполни со уметничка, а и со етичка содржина и порака. Крстевски дојде на идеја да ја организира изложбата, рече на отворањето ликовниот уметник Тони Чатлески.

Златко Крстевски е еден од пионерите на овој вид уметност и преку здружението во кое работи „Коперникус лаб“ повеќе години ги промовира Прилеп и Македонија низ светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2024 17:47