Албанскиот репрезентативец Мирљинд Даку се извини откако ги навреди Македонците по мечот со Хрватска.

По завршувањето на натпреварот со Хрватска (2:2), Албанецот роден во Гњилане истрча кон трибината на која се наоѓаа навивачите на Албанија и преку мегафон водеше срамно навивање против Македонците. Некои портали објавија дека тој ги навредувал и Србите на национална основа.

По тој срамен чин, Даку набрзо се најде на удар на јавноста. Рускиот клуб Рубин, каде настапува на клупско ниво, го осуди однесувањето на својот фудбалер, а наводно била побарана и казна од УЕФА, па момчето родено во јужната српска провинција решило да се извини.

-Најпрво сакам да им се заблагодарам на оние кои не поддржаа и во добри и во лоши моменти. Само оние кои се на терен знаат какви емоции ве носат и какво е чувството кога играте за репрезентацијата со нашето мото „Албанија без границите“. Ако навредив некого по мечот со Хрватска, барам прошка, напиша Даку на Инстаграм.

Без разлика на неговото извинување, реакцијата на УЕФА е очекувана и не би било изненадување доколку Албанецот добие посериозна казна.

Следниот дуел на ЕП, Албанија го игра против Шпанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2024 21:24