Турски Фенербахче го зголемува интересот за дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Виктор Линделоф, информираат печатот во Англија и Турција.
Спортскиот директор на „жолтите канаринци“, Марио Бранко во наредните денови дури ќе отпатува на островот во обид во директни преговори со шефовите на „црвените ѓаволи“ брзо да ја заврши зделката за шведскиот дефанзивец.
Турските гиганти, кои завршија на второто место во последната кампања, ги покажаа своите многу сериозни амбиции за следната сезона и веќе го назначија Жозе Мурињо на чело на тимот.
Токму португалскиот тренер е во срцето на големата желба на „фенерите“ да го земат Линделоф. Двајцата добро се познаваат од соработката во Манчестер Јунајтед пред неколку години. На ваква зделка се согласува и дефанзивецот на „викинзите“, кој веќе има 29 години и сака да добие што е можно поголема минутажа.
Медиумите од Островот тврдат дека цената на Швеѓанецот ќе биде околу 10 милиони фунти.
Евентуалното доаѓање на Линделоф во Фенербахче ќе го спои со уште еден негов поранешен соиграч кај „црвените ѓаволи“ – Фред.