Комисијата на Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија, по разгледувањето на доставените предлози за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ за 2024 година, донесе одлука да го награди предлог истражувачкиот проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“ на Илија Прокопиев.

– Имајќи ја предвид богатата уметничка и кураторска пракса на авторот, како и можноста предложениот истражувачки проект да отвори нови читања за уметничките потенцијали преку концептите за самогрижа и општествена надградба, вон денешното поимање за тоа што е уметничката работа, сметаме дека овогодишната награда на „AICA“ заслужено е доделена на Илија Прокопиев“, се вели во образложението на комисијата на АИКА.

Велат избраниот поднесок на Прокопиев се издвојува со својот иновативен пристап и прониклива анализа и ја детектира неопходноста од преосмислувањето на уметничката работа.

– Преку имплементирање на критичките перспективи и ангажираниот стил на пишување, победничкиот запис на Илија Прокопиев служи како доказ за моќта на уметничката критика во расветлувањето на комплексноста на современите уметнички практики и преосмислувањето на нивните импликации во однос на пошироките културни дискурси. Предлог проектот ја детектира неопходноста од преосмислувањето на уметничката работа, во зависност од општествените и економските случувања, која доаѓа како потреба во времиња кога овие две категории почнуваат да стануваат нестабилни, велат од Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија.

Членови на Комисијата се историчарите на уметноста и куратори Мелентие Пандиловски, Маја Чанкуловска и Јованка Попова.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2024 18:58