Капитенот на српската кошаркарска репрезентација, Богдан Богдановиќ по поразот против Соединетите Американски Држави на Олимписките игри во Париз, изјави дека нема да зборува за судиите, но спомна за одредени спорни одлуки.

Првотимецот на Атланта пред насобраните српски новинари во главниот град на Франција изјави дека не сака да ги критикува судиите, туку дека смета дека судењето можело да биде подобро.

-На Американците не им треба ваква помош против нас. Сепак, не сакам тоа да биде некакво оправдување или да ги критикувам судиите. Игравме добро, а јас не сакам да размислувам како губитник“, изјави Богдановиќ и додаде: „Бевме мирни цел натпревар, воопшто не разговаравме со судиите, сакавме да ги победиме и нив. Не сум тип што зборува за судиите, иако мислам дека тие можеа да донесат некои одлуки поинаку“.

Богдановиќ уште еднаш истакна дека е горд на своите соиграчи и верува дека ќе успеат да го освојат бронзениот медал против Германија, а тој дуел е закажан за в сабота.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2024 20:29