Основното јавно обвинителство Велес донело Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Ккао што соопштија денеска од Јавното обвинителство на РСМ, велешанецот и велешанката во патничко возило БМВ со скопски регистарски ознаки од Скопје во Велес пренесувале наркотична дрога која претходно ја набавиле.
- При преглед на возилото во близина на патарината кај Сопот полицијата пронашла 13,16 грама хероин и 13,17 грама мешавина од кофеин и парацетамол која се користи како додаток за зголемување на масата на некои дроги, а биле пронајдени и парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога, стои во соопштението.
Јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес доставил предлог за определување мерка притвор за двете лица, особено имајќи ја предвид опасноста да се дадат во бегство и да го повторат делото.