Децата на Диего Армандо Марадона најавија основање „Фондација Марадона“ која ќе се грижи за наследството што зад себе го остави аргентинскиот фудбалски идол, а обелоденија и детали околу новиот споменик што ќе биде поставен во центарот на Буенос Аирес, кој се очекува да првлекува еден милион посетители годишно.

„Сакаме нашиот татко да биде блиску до љубовта на луѓето и да им ја исполни желбата на сите што сакаат да му донесат цвеќе“, образложи неговата ќерка Далма, зборувајќи за спомен-обележјето. Споменикот наречен „MemorialM10“, кој треба да биде отворен во 2025 година, ќе се наоѓа на шеталиштето во срцето на главниот аргентински град, во туристичката област на старото пристаниште Пуерто Мадеро.

Со покриена површина од 1.000 м2, меморијалниот центар ќе привлекува еден милион посетители годишно, според сајтот „m10memorial.com“.

Аргентинците ќе имаат бесплатен пристап, но можат да донираат средства за Фондацијата што ќе им овозможи да ја постават нивната фотографија на ѕидот на наследството кај споменикот. Фондацијата ќе ги собере Далма, Џанина, Диего Јуниор, Јана и Диего Фернандо, кои Марадона ги призна за своите деца од трите различни врски.

На почетокот на октомври, аргентинскиот суд одобри посмртните останки на Марадона да бидат префрлени во идниот меморијален центар со цел да им се олесни оддавањето почит на Аргентинците и туристите на „најголемиот идол на Аргентина“.

Марадона, кој почива на гробиштата во Бела Виста, предградие на Буенос Аирес, почина во ноември 2020 година на 60-годишна возраст од срцева слабост во болницата во Тигре, каде што се закрепнуваше од неврохируршки зафат поради хематом на главата.

Судскиот процес што ќе почне во март идната година треба да ги открие околностите на неговата смрт и потенцијалното невнимание за што се обвинети се седум лица, сите доктори и медицински сестри.

Судот ја задржа квалификацијата за убиство од небрежност, за што казната е од 8 до 25 години затвор.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2024 14:20