Репрезентативните синдикати за образование денеска протестираат во Белград, а во половина од училиштата низ Србија немаше настава или таа беше скратена. Протестот беше одржан пред Собранието на Србија, по што имаше протестен марш до Владата на Србија. Освен во Белград, каде беа просветните работници од цела Србија, протест имаше и во центарот на Ниш, најголемиот град на југот на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Четири репрезентативни синдикати најавија дека додколку не постигнат договор со владата од понеделник ќе почнат законски да го скратуваат работното време на 30 минути.

Ова е трет протест на вработените во училиштата од почетокот на учебната година, со барање да се исполни Протоколот потпишан со Владата минатата година, со кој требаше да се изедначи платата на почетниците во образованието со просечната плата.

Последната понуда која просветарите ја одбија беше покачувањето од 11 отсто за сите вработени и еднократна помош од 15.000 динари.

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ ги повика образовните синдикати да ја прифатат владината понуда и да се вратат на економскиот и социјалниот дијалог, бидејќи штрајкот никаде не ги води.

-Сега јас и министерот за финансии ќе разговараме со претседателот на Републиката и со министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ и ќе се договориме и ќе видиме колкаво ќе биде покачувањето на образованието. Сите ќе имаат зголемување од осум проценти, да видиме дали и тие ќе имаат покачување од осум проценти како сите други. Само образованието имаше 11 проценти и еднократна исплата, а тие кажаа дека тоа е навреда и дека не е достоинствена понуда, рече Вучевиќ.

Одговарајќи на критиките на синдикатите дека не е исполнето она што е предвидено во потпишаниот договор со Владата на Србија, Вучевиќ рече дека 90 отсто од работите се завршени, и да во договорот стои дека Владата и синдикатите ќе се залагаат да се спроведе она што е во договорот.

-Мојот предлог е да ја прифатат оваа понуда од Владата, да се вратат на економскиот и социјалниот дијалог, штрајкот нема да ги одведе никаде. Не знам што ќе добијат со тоа, можат да скандираат, да носат пароли, но што ќе биде резултатот од тоа? Во овој момент нема простор за поголемо зголемување, рече Вучевиќ.

Министерството за образование соопшти дека, според податоците добиени од училишната управа, 49,58 отсто од училиштата во Србија работат редовно, 32,79 отсто од училиштата работат во изменет режим, додека во 17,63 отсто од училиштата наставата е целосно прекината.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2024 16:06