Владите на Косово и Луксембург денеска потпишаа меморандум за разбирање, кој се состои од два фонда, во вредност од над 35 милиони евра, за поддршка на Луксембург на приватниот сектор во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Меморандумот во косовската Влада беше потпишан од министерката за индустрија, претприемништво и трговија на Косово, Розета Хајдари и вицепремиерот и министер за надворешни работи и трговија на Луксембург, Ксавие Бетел, кој денеска престојува во официјална посета на Косово.

Службата за информирање на косовската Влада објави дека средствата доделени од луксембуршката Влада, во вредност од над 35 милиони евра, се наменети за поддршка на локалниот приватен сектор за промовирање на иновациите и забрзување на постигнувањето на целите за одржлив развој.

Косовскиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бесник Бислими во оваа прилика го нагласил значењето на размената меѓу компаниите од Косово и Луксембург за унапредување на односите меѓу двете држави.

„За натамошно унапредување на односите меѓу Косово и Луксембург е значајна размената меѓу нас и поврзаноста меѓу компаниите од нашите две земји. Во Косово секогаш ќе најдете земја-партнер, за да напредуваме заедно кон растечка економија. Да се погрижиме целосно да го искористиме потенцијалот што го нуди оваа наша соработка кон градење на одржлива иднина за нашите граѓани“, се цитира Бислими во соопштението.

Вицепремиерот Бетел рече дека неговата посета ја одразува посветеноста на Луксембург да го поддржи Косово на неговиот пат кон развој и интеграција.

„Ова е доказ за 25 години односи и пријателство што ги имаме. Пријателството значи да бидеме корисни таму каде што можеме... Можеме да кажеме дека не е трошок туку инвестиција во иднината, да се види потенцијалот“, потенцира Бетел.

Со гостинот од Луксембург попладнево се сретна и претседателката на Косово, Вјоса Османи, по што од нејзиниот кабинет соопштија дека Османи му се заблагодарила за поддршката што Холандија ја дава на Косово.

Османи побарала од луксембуршкиот вицепремиер и шеф на дипломатијата да продолжи со поддршката за членство на Косово во Советот на Европа.

„Претседателката Османи на средбата му се заблагодари на министерот Бетел за континуираната поддршка од Луксембург за Косово и воедно ја истакна потребата тоа да продолжи со поддршката за членството на Косово во Советот на Европа. Според претседателката Османи, Косово и натаму останува цврсто на патот на евроинтеграциите и во оваа насока има значаен напредок на полето на демократијата, владеењето на правото и човековите права“, се вели во соопштението од кабинетот на Османи.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2024 05:16