Фудбалската федерација на Косово (ФФК) го осуди расистичкото однесување кое се случи на натпреварот во петокот помеѓу Романија и Косово во Букурешт, во рамките на Лигата на нации и ја оправда одлуката на косовските фудбалери да го прекинат натпреварот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Натпреварот беше прекинат во судиското надополнување по истекот на 90. минута, по континуираните расистички и антикосовски скандирања на романските навивачи.

ФФК во денешното соопштение вели дека постапките на романските навивачи создале небезбедна атмосфера за косовските фудбалери.

- Во текот на целиот натпревар имаше скандирања „Косово е Србија„ и „Србија, Србија“, свирежи за време на интонирањето на националната химна на Косово, фрлање тврди предмети на терен и други навредливи и провокативни дејства, создавајќи атмосфера на неприфатлива и небезбедна атмосфера за нашите играчи, се вели во реакцијата.

ФФК вели дека двапати ја предупредила УЕФА за можноста од вакво однесување, а ситуацијата ескалирала кога навивачите одбиле да престанат со расистичките скандирања.

- И покрај напорите на нашиот тренер, Фода, да се доигра натпреварот и да се елиминираат ваквите постапки на романските навивачи, сепак и по прекинот продолжи расистичкото однесување. Во таква ситуација, играчите со право избраа да ги почитуваат антирасистичките прописи на УЕФА и да го заштитат достоинството на државата Косово, како рамноправна членка на УЕФА и ФИФА, се вели во соопштението.

ФФК ги обвини и организаторите и за недостаток на сигурност, напоменувајќи дека романски фудбалски функционер интервенирал на прес-конференцијата на косовската репрезентација, отстранувајќи ги новинарите, а потоа му се заканувал и нападнал косовски фудбалер во ходниците на стадионот.

- Ова срамно и неприфатливо однесување доведе до итна реакција на претставниците на ФФК, се вели во соопштението.

ФФК објави дека ги пријавила прекршоците до делегатот на натпреварот и почнала да подготвува целосна жалба до УЕФА.

- Веруваме дека УЕФА ќе постапи во согласност со нејзините основни вредности за најостро да го осуди расистичкиот јазик и другите неприфатливи дејствија што се случија на овој натпревар. ФФК ја потврдува својата посветеност да го заштити достоинството на репрезентацијата на Косово и вредностите на фудбалот, но и принципите на УЕФА и ФИФА за фудбал без политика и почитување на „фер-плеј“, како игра која мора да обединува а не да дели. Расизмот и дискриминацијата немаат место ниту во спортот, ниту во нашето општество“, се заклучува во соопштението на ФФК.

Во моментот на прекинот резултатот беше 0:0.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2024 21:36