Канцеларијата на Европската унија во Косово реагираше на односот кон Уставниот суд на Косово од страна на премиерот Албин Курти, кој минатата недела изјави дека Судот со доцнењето во постапувањето со законите и нивното уривање „ги блокира позитивните и прогресивни реформи“ на неговата Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава за телевизијата РТВ21, Мисијата на ЕУ во Приштина нагласува дека „Уставниот суд има фундаментална улога да обезбеди владеење на Уставот и да ги заштити основните права и принципи во него“ и дека „независноста на судството е камен-темелник на владеењето на правото и суштински критериум за секое демократско општество“.
„Уставниот суд служи како највисок орган во разгледувањето на законите поднесени на ревизија. Неговите одлуки мора да бидат почитувани од сите за да се обезбеди ефективно функционирање на поделбата на власта и да се зајакне системот на проверки и рамнотежи. Додека е признаено дека Уставниот Судот мора да биде независен и ослободен од политички притисок, исто така неопходно е да се нагласи дека судството не е имуно на толкувања или отворена дискусија, под услов да е конструктивно, избалансирано и добро засновано“, велат од Канцеларијата на ЕУ.
Курти минатата недела изјави дека Уставникот суд е под влијание на одредени опозициски субјекти и носи политички одлуки.