Дејноста на Свети Климент Охридски лежи во темелите на постоењето и културната доблест на македонскиот народ. И по повеќе од 11 века, делото, мислата и поуките на светителот, имаат ист сјај, со кој ни го осветлува патот кон иднината, а тоа е беспрекорно морално однесување, крајна човечка доследност, издржливост, исполнителност и беспоговорна чистота на замислата и творбата. Тоа го истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков на вечерашната свечена академија по повод патронот и заштитник на градот, Свети Климент Охридски што се одржа во центарот за култура „Григор Прличев“.
Свети Климент, нагласи, е првиот словенски епископ, создавач на кирилицата и основач на првиот словенски универзитет во Охрид, во кој обучил 3.500 ученици да ја шират верата и просветата. Заедно со Свети Наум, ги основале првите словенски манастири како културни и животни центри. Напоредно со величенственото дело, импозантно е неговото лично беспрекорно однесување. Бил одличен организатор, плодотворен творец, беседник и писател, силен педагог.
- Неговата љубов за Охрид е ненадмината, над кого воспоставил Божји благослов, кој го чувствуваме и денес. Свети Климент не е само најумниот и најдобриот од сите нас, туку, според временската линија, делото, доблеста, угледот и влијанието врз нашиот развиток, тој е првата личност кај македонскиот народ. Тој е првиот и најдобар етичар во нашата култура, забележа Пецаков.
Потсети на Светиклиментовите поуки дека нема ништо полошо од морална несвесност, нема спасение од моралната пропаст, бидејќи неморалноста е спротивна на човечноста. Свети Климент, нагласи, јасно и недвосмислено ни ја дава најважната поука и порака „тргај се од злото и прави добро“, што претставува наш македонски категорички императив.
- Деновиве звукот на камбаната од Плаошник празнично бие, за да не потсети на едно дамнешно време, кога нашиот Свети Климент ги просветувал и просветлувал луѓето и бил нашата најчиста поврзаност со Бога. Ние охриѓани, веруваме дека и денес Свети Климент се уште со фенер во рацете шета низ Охрид и го чува нашиот град и сите нас. Затоа како народ треба да бидеме вечни чувари на Светиклиментовото дело и како што не учи нашиот светител: да го прославуваме Господа наш со добри дела и да се надминуваме еден со друг со добрина, подвлече Пецаков.
На свечената академија беа врачени највисоките општински признанија патрон на градот Св.Климент Охридски на проф. д-р Павле Митрески и повелбата - патрон на градот „Свети Климент Охридски“ на Клубот за подводни дејности Охрид и здружението на граѓани НАТГ „Аматер“ – Охрид (Културолошка Иницијатива 5 до 12).
Добитникот на признанието патрон на градот, проф. д-р Павле Митрески кажа дека располага со документи, сознанија и истражувања за Охрид и охридско-струшкиот регион. Меѓу другото, тој изнесе факти за предавството на Христо Узунов, но кажа и дека располага со докази за потеклото на Михајло Пупин.
- Во мојата работа покрај другото имам и податок, многу вреден за мене, кој се однесува на Спаса Вишенска, монахиња и нејзиниот брат Спасе од Вишни да ги прогласиме за светци. Благодарение на охридското и македонското свештенство успеавме годинава да бидат прогласени. Тоа е голема работа не само за овој крај, туку и за цела Македонија, рече Митрески.
Добитниците на признанието и повелбата изразија задоволство за вреднувањето на нивниот труд и посветеност. Клубот за подводни дејност, како што истакна Горан Балев, 40 години ги чува градот и езерото. Сите акции во кои се собрани тони отпад, нагласи, се резултат на ентузијастите од клубот. - Ќе продолжиме со истото темпо, се надевам ќе се видиме за уште поголеми награди и поголеми достигнувања, рече Балев. Повелбата е од големо значење и за Културолошката иницијатива 5 до 12, чија приказна почнала пред 11 години од средношколските клупи. - Чест и привилегија е да го добиеме највисокото општинско признание. Ни претставува мотивација, инспирација, но и одговорност да продолжиме да го правиме она што сме го правеле досега, истакна претставникот Јован Цветкоски. Покрај градот, денеска својот патрон го слави и гимназијата „Свети Климент Охридски“, чија директорка Светлана Велкоска изрази задоволство за чествувањето на ликот и делото на големиот учител и светител. - Немерливо е неговото дело, зошто го засади плодот на вечноста на нашиот народ, ја издигна верата до небесата, го осветли патот на неговото постоење. Денес во духот на Свети Климент се сеќаваме на жртвите кои се бореле за денешната слобода и кои пред 80 години успеале да стават камен темелник на нашата државност, јазик и идентитет кои сме должни несебично да ги чуваме и браниме и ден денес. А ние потомците на неговиот свет дух, ние учителите и учениците сме посебно горди што сме негови следбеници воедно и продолжувачи на неговото дело, рече Велкоска. Претходно, во Центарот за култура беа отворени традиционалната изложба на Фото клуб – Охрид и изложбата на уметнички дела од Вангел Наумоски содржани во збирката „Вангел Наумовски“ во сопственост на ЈЗУ Специјализирана болница за отропедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски“ – Охрид. Програмата во чест на „Свети Климент“ ќе продолжи утре, 8 декември, кога е предвидено поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон”- Плаошник, ќе биде положено цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во истоименото училиште, како и на монументалниот споменик на светителот на Градскиот плоштад. Предвидено е да бидат врачени и наградите за најдобрите поетски творби на Општинскиот награден ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид. Во чест на Свети Климент концерт ќе одржат Фолклорните ансамбли во НУЦК „Григор Прличев“, а во малата сала во Општина Охрид ќе биде отворена изложбата –среброрез: 33 ХРИСТОС - Живот за спас на човештвото од Боро Митрески Минта.