Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан повика денеска на „формирање инклузивна влада“ во Сирија, во која ќе има претставници на сите етнички и верски групи, еден ден по паѓањето на режимот на претседателот Башар ал Асад.
„Очекуваме меѓународните актери, особено ОН, да му подадат рака на сирискиот народ и да го поддржат формирањето на инклузивна влада. Сакаме Сирија во која различни етнички и верски групи живеат во мир, со инклузивен пристап кон управувањето“, рече турскиот министер во обраќањето пред амбасадорите во Анкара.
Турција ги поддржува бунтовничките групи кои учествуваа во блиц-офанзивата против сирискиот режим.
Фидан рече дека сака да види „нова Сирија која ќе одржува добри односи со соседите и ќе донесе мир и стабилност во регионот“. Тој рече дека Турција е подготвена да ја даде потребната поддршка во овој поглед.