Доброволна репатријација и повлекување на апликациите за азил, бараат бегалците од Сирија кои се во Република Кипар, преку писмо испратено до Министерство за миграција, што го објавија кипарските медиуми, додека пак надлежниот министер за државната агенција ЦНА потврдил дека веќе имаат околу 20 вакви барања, јави дописничката на МИА од Атина.

Во писмото потпишано од група под името „Сиријци на Кипар“ испратено до Министерството, бегалците објаснуваат дека Република Кипар им понудила заштита и помош во изминатите години, дека „денес изгрева нов надежен ден во Сирија, по 13 години вооружен конфликт, режимот на диктаторот Башар ал-Асад заврши“, но и дека иако земјата сè уште не може да се смета за безбедна, некои членови од нивното здружение веќе „изразиле желба за доброволно враќање во Сирија, а со тоа и затворање на нивните досиеја/апликации за меѓународна заштита“.

Како што пренесуваат кипарските медиуми, Сиријците од Владата бараат да ги преземе потребните мерки за организирано, безбедно и достоинствено враќање на оние кои ќе изберат доброволна репатријација во Сирија и да ја прошири програмата за помош на доброволно враќање за да ги опфати сириските државјани.

Коментирајќи го писмото, заменик-министерот за миграција на Кипар Николаос Јоанидис за кипарската новинска агенција рекол дека веќе имаат барања од околу 20 сириски државјани за повлекување на нивните апликации за политички азил, посочил дека очекува уште повеќе барања во наредните денови и додал дека ќе направат сè што е можно за нивна репатријација.

Објаснил дека откако ќе се повлечат барањата што ги доставиле до Република Кипар за добивање азил, на бегалците ќе им бидат издадени одредени документи од Секторот за миграција, а потоа тие самите ќе треба да најдат начин да се вратат во Сирија.

- Бидејќи не се работи за принудна репатријација или депортација, туку за доброволно враќање, ќе треба самите да се погрижат да најдат летови за враќање во Сирија, или директно или преку трети земји, објаснил Јоанидис



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2024 00:11