По соборувањето од власт на сирискиот претседател Башар Асад во повеќе европски држави е покренато прашањето за идниот статус на Сиријците кои изминативе 13 години, за време на граѓанската војна во Сирија, добиваа азил и дозволи за времен престој во земјите членки на ЕУ.

Неколку членки на ЕУ, како Австрија, Белгија, Данска, Германија, Италија, Финска, Холандија Чешка и Шведска веќе решија да го стопираат разгледувањето на апликациите за азил поднесени од страна на сириските државјани, Франција најави дека размислува да го стори истото, додека Грција в петок ќе одлучи за ова прашање, како и за статусот на околу 9.000 сириски бегалци кои сега се наоѓаат во земјата.

Австрија дури најави и дека планира депортирање на сириските азиланти. - Му наложив на Министерството да подготви програма за (нивно) враќање и депортација во Сирија, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер, без да прецизира кои Сиријци кои имаат азилантски статус во Австрија би можеле да бидат опфатени со оваа мерка. Според официјалните податоци, во Австрија престојуваат околу 100.000 Сиријци.

Германската Федерална канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ), пак, соопшти дека ќе го замрзне разгледувањето на барањата за азил на повеќе од 47.000 сириски државјани.

Белгиската Канцеларија на генералниот комесар за бегалци и лица без државјанство (ЦГРС) вчера соопшти дека е замрзната постапката за разгледување на апликациите за азил на над 3.000 Сиријци. - Денес одлучивме да престанеме да постапуваме по барања за азил на Сиријците, информира ЦГРС.

Француското Министерство за внатрешни работи информира дека ќе се обиде „да стави крај на лавината апликации за азил од Сиријци“, најавувајќи дека се работи на „суспензија на тековните барања за азил од Сирија“.

Организациите за заштита на правата и за помош на бегалците предупредија дека ваквите одлуки се избрзани, посочувајќи дека во делови од Сирија и натаму се водат борби меѓу ривалските групи, а под знак прашање е и политичката стабилност во земјата.

- Имајќи ја предвид значителна неизвесност и загриженост околу транзицијата во Сирија и нејзината иднина, ги повикуваме сите земји каде Сиријците престојуваат како бегалци да го поддржат правото на азил, како и принципот на безбедно и доброволно враќање, порача Меѓународниот комитет за спасување (ИРЦ).

Според експертите, промената на статусот на барателите на азил од Сирија има два аспекти. Првиот се однесува на замрзнување на тековните барања, што ги носи апликантите во неизвесност имајќи ја предвид се уште нејасната перспектива на политичката и безбедносната ситуација во Сирија.

Вториот аспект се однесува на преоценувањето на основите врз основа на кои некој поединец првично добил статус на бегалец, како на пример поради одбивање на воена служба во владините сили или противење на режимот, услови кои се променети со падот на Асад од власт.

Според Конвенцијата за бегалци од 1951 година, за одземање на статусот на бегалец на поединец потребни се „трајни фундаментални промени, кои не се од привремена природа“. Експертите проценуваат дека засега не може да се каже дека овој критериум е исполнет, од причина што останува неизвесноста околу идниот развој на настаните во Сирија.

Ситуацијата во Сирија е проблематична од причина што во моментов Дамаск е под контрола на Организацијата за ослободување на Левантот (ХТС), која е формирана во јануари 2017 година како огранок на исламистичката мрежа Ал Каеда во Сирија и Либан. Иако, ХТС во последниве години се дистанцираше од Ал Каеда, групата сепак и натаму е на листата на терористички организации на ЕУ, САД и Велика Британија.

Дополнително во северниот дел на Сирија дејствуваат и групи поддржани од Турција, која, пак, во повеќе наврати ги напаѓаше позициите на сириските Курди, кои имаат поддршка од САД. Од друга страна, извори во Москва, која досега го поддржуваше режимот на Асад, најавија дека Русија ќе се обиде да преговара со новите сириски власти во обид да ги задржи своите воени бази во земјата.

Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни вчера изјави дека ЕУ засега не е во контакт со ХТС.

- Како што ХТС презема поголема одговорност, ќе треба да ги процениме не само нивните зборови, туку и нивните дела. Во моментов не се занимаваме со ХТС или со нејзините водачи, истакна Ануни.

Сириските бунтовнички сили предводени од ХТС во офанзива што траеше помалку од 10 дена во неделата презедоа контрола врз Дамаск и ставија крај на повеќедецениското владеење на семејството Асад со Сирија, кое управуваше со државата од 1970 година. По почетокот на бунтот против режимот на Асад во 2011 година што доведе до граѓанска војна во Сирија, над 4,5 милиони Сиријци се упатија кон земјите членки на ЕУ, каде добија статус на бегалци и дозволи за времен престој врз основа на политиката на „отворени врати“ што ја иницираше тогашната германска канцеларка Ангела Меркел. Според проценките во 13-годишната крвава граѓанска војна во Сирија загинаа околу 600.000 луѓе



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2024 21:41