Иранската Влада денеска соопшти дека сите владини канцеларии, универзитети и училишта во провинцијата Техеран ќе бидат затворени два дена поради лошиот квалитет на воздухот, јави државната телевизија.
Основните училишта и градинките во главниот град Техеран беа затворени и во неделата, но властите соопштија дека поради зголеменото загадување, сите владини канцеларии, универзитети и училишта ќе бидат затворени во среда и четврток, додавајќи дека образованието ќе продолжи на онлајн платформите.
Во извештајот на телевизијата се вели и дека банките, основните јавни услуги и здравствените домови ќе останат отворени тие денови.
Властите, исто така, соопштија дека училиштата и универзитетите во соседната провинција Алборз и централната провинција Исфахан ќе бидат затворени во среда и четврток.
Во Иран училиштата обично работат од сабота до среда.
Денеска во Техеран видливоста беше слаба, а властите предупредија на лошиот квалитет на воздухот и ги советуваа постарите, болните и децата да преземат дополнителни мерки на претпазливост.
Одвреме-навреме надлежните реагираат на загадувањето со слични мерки.
Квалитетот на воздухот во Техеран е меѓу најлошите во светот.
Смогот главно е предизвикан од густиот сообраќај и фабрички емисии на штетни гасови.
За време на студената сезона се влошува поради недостигот ветер и дожд.