Отворање фабрики за вештачка интелигенција во седум земји од Европската Унија, односно во Шпанија, Италија, Финска, Луксембург, Шведска, Германија и Грција, соопшти ЕК, додека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис коментираше дека тоа е „национален успех“ и „големо достигнување за земјата“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Европската Комисија, целта е да се поттикне иновативноста на вештачката интелигенција во Унијата, а проектот вреден 1,5 милијарди евра ќе биде финансиран како од државите, така и од ЕУ.

Избраните фабрики за вештачка интелигенција ќе бидат хостирани во водечки истражувачки и технолошки центри низ Европа, односно во Барселона (Шпанија), Болоња (Италија), Кајани (Финска), Бисен (Луксембург), Линкопинг (Шведска), Штутгарт (Германија) и Атина (Грција).

Овие седум фабрики за вештачка интелигенција вклучуваат 15 земји-членки и две земји-учеснички на EuroHPC, меѓу кои Португалија, Романија, Турција, Австрија, Словенија, Чешка, Данска, Естонија, Норвешка и Полска, кои се приклучија на некој од избраните технолошки центри.

- Со особено задоволство ви соопштувам дека од денеска Грција е една од седумте земји од ЕУ избрани од Европската комисија за создавање на првите „фабрики“ за вештачка интелигенција (ΑΙ factories) во Европа со финансирање од заедницата и национално. Зошто е важно ова достигнување? Прво и основно, затоа што со создавањето на грчката фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“ се истакнува нашата стратешка определба за иновации и технолошко лидерство во Европа, напиша грчкиот премиер на Фејсбук.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2024 22:14