Италијанската Влада ги укина казните за луѓето кои одбија да примаат задолжителни вакцини против Ковид-19, се вели во соопштението објавено доцна синоќа, откако тие беа воведени за да се поттикне вакцинацијата во земјата која се бореше да ја задржи пандемијата.

Италија беше меѓу земјите најтешко погодени од пандемијата, која беше откриена на почетокот на 2020 година, и има регистрирано повеќе од 190.000 смртни случаи, според податоците на Светската здравствена организација.

Марио Драги, претходникот на премиерката Џорџа Мелони, ја направи вакцинацијата задолжителна за наставниците и здравствените работници и ја прошири обврската на сите постари од 50 години за време на неговиот мандат меѓу 2021-2022 година.

Според наредбата јавните службеници кои одбија да се вакцинираат беа суспендирани од работа без плата, а оние над 50 години казнети со 100 евра.

Во владиното соопштение се наведува дека се укинати казните, како и сите обврски за плаќање. Италијанските медиуми изнесоа идеја за враќање на парите на оние што платиле, но тоа не беше споменато во соопштението.

Мелони, која ја презеде функцијата на крајот на 2022 година на чело на десничарската коалиција, ги обвини нејзините претходници Драги и Џузепе Конте за идеолошки пристап кон Ковид, ветувајќи дека ќе ги направи работите поинаку.

Опозициските партии луто реагираа на овој потег.

- Укинувањето на казните за оние кои не биле вакцинирани е начин на намигнување на противниците на вакцинацијата, изјави Рикардо Маги, претставник на малата италијанска партија +Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2024 22:20