Корпорацијата „Боинг“ отпушти стотици вработени во сојузните држави Вашингтон и Калифорнија како дел од планираните намалувања на персоналот. Вкупниот број на кратења на пресоналот што компанијата сака да го постигне е околу 17.000.

Околу 400 вработени на „Боинг“ беа отпуштени во државата Вашингтон, а повеќе од 500 во Калифорнија, објавија дел од американските медиуми.

Претходно, воздухопловниот гигант објави дека планира 10 отсто намалување на бројот на вработените во обид да се справи со финансиски и регулаторни проблеми, како и од големиот штрајк што траеше речиси два месеца.

Главниот извршен директор Кели Ортберг изјави дека штрајкот не бил причина за отпуштањата, кои, според него, биле резултат на вишокот персонал.

Компанијата уште во ноември започна да ги информира работниците за претстојните отпуштања. Според известувањата поднесени до државните агенции за вработување, првиот бран отпуштања зафати 3.500 луѓе низ САД.

Отпуштањата ги опфатија вработените од различни професии – од инженери до кадрова служба и аналитичари. Тоа влијаеше врз комерцијалните, одбранбените и глобалните сервисни оддели на „Боинг“.

Компанијата изјави дека поголемиот дел од отпуштените вработени ќе останат на работа уште околу два месеца и во текот на тие месеци ќе добиваат отпремнина, консултации за премин на ново работно место и повластено здравствено осигурување.

-Како што беше објавено на почетокот на октомври, го приспособуваме бројот на вработени за да го усогласиме со нашите финансиски реалности и со потесен сет на приоритети, изјавија претставниците на „Боинг“.

Компанијата Боинг (Boeing), чие седиште е во Арлингтон, Вирџинија, се соочува со финансиски тешкотии откако во 2018 и 2019 година, како резултат на две несреќи на авионите 737 Max, загинаа 346 луѓе. Состојбата и репутацијата на компанијата уште повеќе се влошија во јануари, кога врата се одвои од трупот на авион на „Ањаска Ерлајнс“.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2024 22:36