Мисијата на Обединети нации во Авганистан денеска ги повика талибанските власти да ги прифатат глобалните обврски за човековите права поради заштита и просперитет на идните генерации.
Апелот уследи откако лидерот на талибанците Хибатула Ахунџада наредил суспензија на медицинското образование и обуки за жени и девојчиња.
- За жал, продолжуваме да гледаме како човековите права се потиснати во Авганистан. Постои постојана, опасна ерозија на заштитата на човековите права, при што жените и девојките го носат најголемиот товар, истакна шефицата на мисијата на ОН во Авганистан, Роза Отунбаева.
Талибанците систематски ги дискриминираат жените, кои, според мисијата, се исклучени од повеќето области на секојдневниот и јавниот живот, вклучително и образованието и работата.
- Ако на Авганистанците, особено на жените и девојчињата, продолжат да им се ускратуваат нивните права, ова е јасен и намерен неуспех, посочи претставничката на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, Фиона Фрејзер.
Талибанците рутински ги отфрлаат критиките за нивната политика, оценувајќи ги како мешање во внатрешната политика и „неконзистентно претставување на реалноста на теренот“.
- Ние ја имаме нашата религија, ги имаме нашите верувања, ја имаме нашата култура. Можеме да ги дефинираме нашите права и да ги признаеме нашите обврски во почитувањето на овие права, изјави главниот портпарол на талибанците, Забихулах Муџахид