Активисти за заштита на животната средина денеска испрскаа зелена боја врз седиштето на Амазон во Давос и го прекинаа слетувањето на хеликоптерите пред почетокот на годишниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ).

Демонстрантите кои протестираа против субвенциите за фосилни горива исцртаа портокалови симболи пред продавницата каде Амазон постави привремена база на главната улица во Давос и ги испрска прозорците со зелена боја.

Невладиното меѓународно здружение на еколошки активисти Гринпис, кое накратко го блокираше хелиодромот во Давос, објави во соопштението дека презела акција за да повика на „праведен данок за најбогатите луѓе, за финансирање на заштитата на животната средина и инвестирање во праведна и одржлива иднина за човештвото“.

Полицијата интервенираше за да отстрани околу 10 демонстранти кои блокираа две возила на влезот на хелиодромот и носеа светло жолти транспаренти на кои пишуваше „Оданочете ги супербогатите“.

-Досега блокиравме 10-20 хеликоптери за час и половина. Во текот на денот очекуваме околу сто хеликоптери да пристигнат овде, изјави активистката на Гринпис, Клара Томсон. Високи политичари и бизнис лидери често го користат хелиодромот за да слетаат во швајцарското алпско одморалиште.

Годишниот состанок на Светскиот економски форум започнува денеска во Давос под слоганот „Соработка за интелигентно доба“, а една од главните теми ќе биде Заштита на планетата, која ќе се фокусира на зголемување на решенијата засновани на климата и природата и унапредување на напорите за декарбонизација.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2025 19:16