Извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ Искра Росо е македонската државјанка и претставничка на невладиниот сектор која била приведена и протерана од српската полиција и депортирана од Србија во Северна Македонија.

Во писмена изјава за МИА таа посочува дека на 21 јануари годинава за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување. Росо вели дека подоцна дознала дека и била издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци врз основа на Законот за странци.

Извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ Искра Росо е македонската државјанка и претставничка на невладиниот сектор која била приведена и протерана од

-По враќањето во хотелот каде што бев сместена, бев задржана од страна на полицијата и, заедно со уште неколку учесници, префрлена во полициска станица без јасно објаснување. Подоцна дознав дека ми беше издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци, врз основа на член 78 од Законот за странци. За време на процесот, не добив објаснување за задржувањето, што дополнително ја зголеми неизвесноста и вознемиреноста кај мене и другите учесници. Иако морам да напоменам дека полицијата во Белград се однесуваше крајно професионално. Веќе имам поднесено барање до Министерството за надворешни работи во Скопје за добивање информации за причините за издавање на забраната за влез, а воедно подготвувам процес за жалба на решението, посочува Росо во изјавата за МИА.

Балканските медиуми пишуваат дека ноќта помеѓу 21 и 22 јануари во Белград вкупно 13 странски државјани од Хрватска, Словенија, Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка, биле приведени, а потоа и депортирани од Србија без објаснување. Тие биле дел од Ерсте академија за невладини организации, во организација на Ерсте фондацијата. Учесниците се приведени ноќта од хотелот во кој биле сместени во Белград без објаснување, а по неколкучасовно задржување морале веднаш да ја напуштат Србија. Притоа тие добиле и забрана од една година за влез во земјата.

За протерувањето на граѓанските активисти вчера се огласи и Европската комисија, која побара од Србија како кандидат за членство во ЕУ да ги почитува правата на организациите на граѓанското општество.

– Европската Унија ги поддржува организациите на граѓанското општество во сите земји опфатени со процесот на проширување, вклучително и Србија, и нагласува дека почитувањето на нивните права е дел од обврските од преговорите за членство во ЕУ. Граѓанското општеството и независните медиуми играат витална улога во развојот на здраво и демократско општество, изјави изјави портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие, во одговор на прашањето за коментар на ЕК на информациите за протерување на 13 активисти на странски невладини организации од Србија, меѓу кои и државјани на ЕУ и на земјите опфатени со процесот на проширување.

Според Мерсие, напредокот на Србија на патот кон ЕУ зависи од активното учество на сите засегнати страни во тој процес и преку поддршка на напорите на граѓанското општество и медиумските организации за изградба на демократска и инклузивна Србија во интерес на сите граѓани. Тој повтори дека ЕУ внимателно ја следи внатрешната политичка ситуација во Србија поврзана со протестите и дека ги охрабруваме сите политички актери да се вратат на дијалогот и да се воздржат од ескалација на тензиите.

Во Белград и во Србија деновиве се одржуваат протести против актуелниот претседател и владата. Во Србија денеска почнува генерален штрајк или „општа граѓанска непослушност“, на кој граѓаните ги повикаа студентите што организираат блокада да им се приклучат.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2025 20:31