Иако општествените проблеми како загадувањето на воздухот, пристапот до вода, јавниот превоз, интензивната урбанизација и стеснувањето на јавните простори не засегаат сите, се уште е ниска свеста за нивно јавно посочување, „ставање на маса“, разобличување и решавање. Ниска е свеста и за граѓанско мобилизирање, младите имаат потенцијал, покренуваат иницијативи, но недостига конкретно ангажиран активизам, беше речено на денешната регионална конференција „КритикУМ“ што ја организира Здружението за едукативен развој Еквалис.
Испратена беше и пораката дека активното граѓанство се создава, како и дека никој не може да биде аполитичен. Политиката е квалиетот на живот што го имаме и што не опкружува, не само во јавниот простор, туку и во услугите што ги добиваме од институциите. Младите мора да сфатат дека и нивниот глас, но и ангажман е многу важен за да се подобрат состојбите.
Како што рече Јана Белчева Андреевска од „Шанса за Центар“, силата е во заедништвото и ако сите реагираат, работите може да се сменат.
-Правдата мора да ги зафаќа сите групи во општеството, никој не смее да биде исклучен. Не смее и да се креираат решенија од институциите кои ќе водат кон некакви социјални исклучености, непрвади, разлики, зголемена сиромаштија,... Затоа е многу важно сите да го подигнеме гласот за оние работи што ни сметаат или за одлуки што мислиме дека ќе го подобрат живеењето. Урбанизмот е само една од темите во која видовме дека институциите носат одлуки кои, за жал, на малкумина им користат, а на многумина им штетат. Тоа ги разбуди луѓето, ги натера да сфатат дека во својот град се чувствуваат небезбедно и неудобно, истакна Белчева Андреевска.
Според Ангел Димитриевски од Еквалис, сите сме засегнати од општествените проблеми, но свесноста за овие прашања е се уште ниска.
-Меѓу 3 400 - 3 800 луѓе умираат годишно од загадувањето на воздухот. Ова е прашање кое сите, на некој начин, треба да не засега зашто не се однесува само на главниот град. Пример за тоа е испуштањето на гасот од депонијата во Кочани. Ние тука, на конференцијата, ги собираме луѓето кои се „нови“ во активизмот, но и оние што долго време се во некакви неформални групи или граѓански движења. Токму ваквото приближување може да биде мотивирачко за натамошна борба, посебно кај младите. Конференцијата е всушност збир на различни профили и генерации, изјави Димитриевски.
Елена Данова од Еквалис смета дека младите имаат потенцијал, но не доволно искористен. Таа за пасивизацијата гледа одговорност и кај институциите, но и во образовниот процес.
-Главната порака сакаме да ја испратиме до младите зашто тие се сегашноста, а не иднината. Ние така сакаме да ги перципираме и третираме. Мора да сфатат дека и тие самите така треба да се третираат, како потенцијални и фактички предводници на промените во општеството. Младите имаат потенцијал и сакаме да веруваме дека тој потенцијал наскоро ќе биде максимално искористен зашто се што се случува во општеството, незваисно која група е таргетирана, е проблем на младите. Гледаме што се случува во Србија, студентите ја водат промената, тие прават револуција, а ние тоа во моментов, за жал, го немаме. Како општество треба да пораснеме и да созрееме, истакна Данова.
Според досегашните искуства, потенцијалите на алтернативната културна сцена во земјава се многу големи во однос на поттикнување промени во заедниците.
-Можеби тие не се толку истакнати во меинстримот, но имаме активни млади луѓе кои се занимаваат со култура и кои на многу директен начин ги адресираат проблемите во општеството. Сензибилизацијата и едукацијата за некои теми не ретко почнува најпрво во вакви простори, на поетски читања, фестивали и други формати кои ќе ги охрбарат потоа граѓаните да се организираат и дејствуваат, напомена Димитриевски.
Активистот Еди Фрцовски од Еквалис како еден од проблемите на заедницата, ги посочи чешмите во Скопје.
-Чешми има во скоро секоја населба, но тие најмалку служат за пиење вода. Повеќе се користат, на пример, како канти за отпадоци или пепелници, а во зима не се функционални, најверојатно ги исклучуваат за да не замрзнат. Поради тоа, граѓаните многу често си купуваат вода и тоа во пластични шишиња, особено во лето кога е претопло со што, на некој начин, „придонесуваат“ за уште поголемо загадување, рече Фрцовски.
Во рамки на конференцијата се одржуваат два панела: „Граѓански визии за градот: Во одбрана на воздухот, водата и јавниот простор“ и „Пркоси во алтернативната културна сцена“, а вечер ќе има настап бендот „Кокиче“. За утре е предвидена интерактивна прошетка „Скопје, големото бегство“.