Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид на градежни активности на патот Катланово-Градманци во Општина Петровец, проект во должина од 2.400 метри, за чија изградба средствата се обезбедени од Владата преку унгарскиот кредит во висина од 12.200.000 денари.
Исклучително сум среќен и задоволен, порача Мицкоски, за сето она кое што претставувало претходно проблем за граѓаните, сега се надминува, се решава преку овие средства кои се реалоцирани од буџетот. Се градат улици, се градат патишта, булевари, се градат градинки, училишта, сали, практично капитални инвестиции коишто ќе го подобрат квалитетот на живот на нашите сограѓани.
-За мене секогаш претставува чест и задоволство и предизвик да бидам дел од вакви настани кога се прави нешто ново, нешто коешто е потребно на граѓаните коешто ги подобрува условите за живот. Слушнавте од градоначалникот дека сега во следниот повик коишто ќе го објави Владата преку Министерството за локална самоуправа проектите во вредност од 1.200.000, 1.300.000 евра се веќе подготвени, а јас апелирам и до другите градоначалници истото да го сторат. Мислам дека сега во вторник веќе на следната владина седница ќе донесеме одлука со којашто ќе го распишеме повикот до општините за да конкурираат со проекти и мислам дека барем од тоа што имам како информација, мислам дека ќе биде исклучително успешен овој пат за да не се доведеме во ситуација да го продолжуваме рокот, имале, немале одобрение за градба па имале проект немале проект ќе биде малку подолг рокот до таму некаде крајот на месец април за да можат сите оние што нема да стигнат со одобрение за градба и оние документи кои се потребни да успеат во меѓувреме да ги обезбедат, изјави Мицкоски.
Средства во вредност од 9.470.000 денари од унгарскиот кредит за општина Петровец, се обезбедни и за доизградбата на детската градинка втора и завршна фаза со капацитет за згрижување на 70 дечиња.
-Уште еднаш му честитам на градоначалникот, на пратеникот кој што доаѓа од Општина Петровец, на советниците, на администрацијата што секогаш буквално работата посветено за да сето ова денеска кое ние го гледаме биде реалност, изјави Мицкоски.
Мицкоски, исто така, ја потенцираше и улогата на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за транспорт кои што исто така учествуваат во овие проекти, бидејќи, како што рече, преку нив практично се фасилитираат средствата.