Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим ја коментираше иднината на крилниот напаѓач на „црвените ѓаволи“, Алехандро Гарначо, кој го одигра целиот натпревар во синоќешната победа над Ренџерс со 2-1 во Лигата на Европа.
-Не знаеме што може да се случи додека не се затвори прозорецот. Сè може да се случи. Фокусиран сум на натпреварите, а тој е тука, тој е играч на Манчестер Јунајтед. Тој беше навистина важен за нас на овој натпревар и ќе видиме што ќе се случи во наредните денови. Мислам дека има потенцијал да биде многу подобар во секоја ситуација од играта. Она што можам да го кажам е дека тој сфати што се обидувам да направам. Само сакам да им помогнам, но на крајот тие (играчите) се оние кои треба да ја завршат работата, изјави Аморим по синоќешниот меч.
Во меѓувреме стана јасно дека има нов кандидат за Гарначо а тоа е Челси. „Сините“ од Лондон веќе ја истражуваат можноста да го привлечат играчот, откако разговарале со неговото опкружување и веќе разговараат за опциите за трансфер со Манчестер Јунајтед. Наскоро се очекува Челси да излезе со официјална понуда.
Шпекулациите за трансфер на играчот на „Стемфорд Бриџ“ се засилија поради фактот што неговите агенти Карлос Камбеиро и Кике де Лукас беа на мечот со Вулверхемптон во понеделникот.
Наполи, кој важеше за фаворит за потписот на Гарначо, се уште не постигнал договор со Манчестер Јунајтед, бидејќи „црвените ѓаволи“ бараат околу 65 милиони евра, додека „небесносините“ нудат понуда од околу 50-55 милиони евра.
Поради ситуацијата, италијанскиот клуб веќе се насочи кон крилниот напаѓач на Борусија Дортмунд, Карим Адееми.