Крилниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Ентони ќе му се приклучи на шпански Реал Бетис, откако Бразилецот вечерва отпатува за Севиља. Тој до крајот на сезоната ќе игра како позајмен во клубот од Андалузија.

Според инсајдерот Фабрицио Романо, договорот не вклучува опција за негово купување на лето, а за периодот на позајмица двата клуба ќе ја делат платата на играчот. Според „Марка“, тоа значи дека „зелено-белите“ ќе платат нешто помалку од два милиони евра.

„Црвените ѓаволи“ ќе добијат бонуси доколку Бетис се пласира во Лигата на шампионите или Лигата на Европа, а дополнително ќе има и финансиска казна за шпанскиот клуб доколку Ентони не одигра одреден минимален број натпревари за тој период.

Бразилецот потпиша со Манчестер Јунајтед на крајот на август 2022 година за голема сума од околу 95 милиони евра, но никогаш не успеа да ја оправда инвестицијата. Од почетокот на оваа сезона тој забележа 14 настапи во сите натпреварувања и успеа да постигне само еден гол.

Вчера беше во групата на Рубен Аморим за натпреварот против Ренџерс (2:1) во Лига Европа, но не забележа минутажа.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2025 05:22