Шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид втор последователен натпревар во шпанското првенство ќе биде без напаѓачот Винисиус, изјави тренерот Карло Анчелоти, цитиран од локалните медиуми. Бразилецот, кој поради црвен картон го пропушти натпреварот против Лас Палмас, нема да игра ниту против Ваљадолид.

-Луѓето забораваат дека со Винисиус освоивме две титули во Лигата на шампионите. Тој е одличен играч, но му требаат и неколку дена да се опорави. Нека ги искористи и нека се врати свеж за најважните натпревари во сезоната, изјави Анчелоти пред првенствениот натпревар против Ваљадолид.

Винисиус беше поврзуван со заминување во јануари, но Анчелоти е убеден дека Бразилецот ќе остане на „Бернабеу“.

-Тешко ми е да ги разберам овие работи. Можеби тоа е затоа што имам директни информации за играчот и знам дека е многу среќен во Мадрид, каде сака да пишува историја. Среќни сме и што е со нас, изјави италијанскиот тренер на Реал Мадрид.

Шпанските медиуми тврдат дека Винисиус би можел да се пресели во Саудиска Арабија, каде локален клуб подготвува понуда од над 550 милиони долари.

-Морате да го прашате за тоа. Не знам дали ќе има таква понуда или не. Тој овде пишува историја и сака да продолжи да го прави тоа, заклучи Анчелоти.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2025 05:22