Министерството за надворешни работи на Република Македонија ќе се одржи Министерски состанок на земјите од Западен Балкан, на кој ќе присуствуваат и Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, италијанскиот Државен потсекретар за надворешни работи Винченцо Амендола и Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.

Овој состанок претставува неформална средба на министрите за надворешни работи од балканските земји вклучени во тнр. „Берлински процес“.

На состанокот ќе се разговараат прашања од областа на регионалната соработка во различни сегменти, но со посебен акцент на заедничките регионални предизвици, економскиот просперитет и меѓусебното поврзување, владеењето на правото и анти – корупцијата, во функција на интегрирање на сите Балкански земји во ЕУ.

Министрите за надворешни работи ќе одржат и заедничка сесија со Министрите за енергетика, на која што ќе се дискутира за примената на одлуките од Парискиот самит и очекувањата од претстојниот Самит во Трст во рамките на тнр. „Берлински процес“.

На маргините на состанокот ќе бидат потпишани два договори помеѓу Европската комисија и меѓународните финансиски институции, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Банкарскиот концерн KfW, во рамките на Програмата за регионална енергетска ефикасност (REEP Plus – Regional Energy Efficiency Programme ) и Фондот за зелен раст (GGF – Green for Growth Fund ), преку кои ќе се финансираат проекти што ќе се реализираат во Регионот.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ кој ќе биде дел од Министерскиот состанок пред одреден период јавно истакна дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име поради признавањето на Косово како независна Република од страна на Македонските власти.

„Србија направи голема грешка поради тоа. Цела Европа и цел свет го користат називот „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а ние на нашите браќа Грци им удривме шамар и сега очекуваме од Грција да не го признае Косово, додека пак Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а сега тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, еве ќе употребам недипломатски израз“, изјави Дачиќ во интервјуто за новинската агенција Бета.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2017 00:53