Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми денес оствари средба со Винченцо Амендола, државен потсекретар во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.

На средбата се разговараше за Берлинскиот процес и претстојниот самит на земјите од Западен Балкан во Трст, за актуелната политичка ситуација во земјата, како и за нашите Евро-Атлантски перспективи.

Вицепремиерот Адеми ја поздрави позицијата на Италија за континуираната и безрезервна поддршка за процесот на проширување и нашето членство во ЕУ, како и ставот на Италија дека сите земји од Западен Балкан треба да се приклучат кон ЕУ, час поскоро.

Адеми истакна дека проектите финансирани од ЕУ за поврзување, особено во транспортот и енергијата, кои се од суштинско значење и за развојот на нашата економија, треба да се прошират и на Македонија. Тој побара поддршка од Италија за напорите за пристапување на Македонија во Јадранско-јонскиот регион и стратегија, потврдувајќи го регионалниот аспект и целосна вклученост на земјата во Транс-европските програми.

Адеми и Амендола изразија задоволство од досегашната билатерална соработка меѓу Македонија и Италија, која ќе продолжи и во претстојниот период.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2017 11:17