Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, добро знаеше во која земја доаѓа, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, одговарајќи на новинарско прашање на порталот мкд.мк, дали Дачиќ знае која земја ја посетува.

– Да, добро знаеше каде дошол и не е единствениот во Србија што знае која е оваа земја. Ги поканувам да дојдат и да ја посетат Македонија затоа што Македонија има што да понуди да се види – рече Попоски.

На прашањето дали добил појаснување од Дачиќ за неговите изјави, Попоски истакна дека тоа не било ништо поинакво од претходните изјави.

– Објаснувањето не беше ништо поинакво, но ја разбираме чувствителноста што ја имаат, особено пред гласањето за влезот на Косово во УНЕСКО. Сепак, ние сме одлучни да продолжиме со регионалната соработка и да ја продлабочуваме – додаде Попоски.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ кој ќе биде дел од Министерскиот состанок пред одреден период јавно истакна дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име поради признавањето на Косово како независна Република од страна на Македонските власти.

„Србија направи голема грешка поради тоа. Цела Европа и цел свет го користат називот „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а ние на нашите браќа Грци им удривме шамар и сега очекуваме од Грција да не го признае Косово, додека пак Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а сега тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, еве ќе употребам недипломатски израз“, изјави Дачиќ во интервјуто за новинската агенција Бета.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2017 17:58