Реформските процеси, евро-атланските перспективи на Република Македонија и внатрешната состојба беа само дел од темите на средбата помеѓу Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски и министерот за Европа и Америка при британскиот Форин Офис, Сер Алан Данкан. Министрите разговараа и за билатералните односи, како и за неодамнешниот ЕУ референдум во Обединетото Кралство и натамошните чекори на британската Влада за излез од Европската Унија.
„Очекуваме идното позиционирање на Велика Британија да остане поволно во однос на Македонија и регионот, особено во делот на економската размена и поддршката во евроатланските интеграции“, констатираше Попоски и додаде дека не очекува поместувања на сметка на земјите-кандидати, особено во делот на трговските договори кои ќе следуваат.
Посебен акцент соговорниците ставија и на членството на Република Македонија во НАТО како стратешка определба. Министерот Попоски, изразувајќи благодарност за континуираната британска поддршка за интеграцијата на Република Македонија во меѓународните организации, ја потенцираше посветеноста за продолжување на партнерскиот однос помеѓу двете држави и потребата за развој на врските.