Остануваат уште 11 дена за пријавување и 19 дена до почетокот на „Виз Ер Скопскиот маратон“. На трките кои ќе се одржат на 7 мај веќе се имаат пријавено илјадници тркачи од голем број на земји.

– „Виз Ер Скопскиот маратон“ пропратно со сите други трки кои се организираат пред неговата реализација, како „Авицена Женската трка“, претставуваат „будилник“ на спортскиот дух во Македонија. Пред сите настани илјадници граѓани со неизмерна мотивација се подготвуваат за претстојните трки со што значително се зацврстува здравиот начин на живот и значењето на истиот. Секој од нив редовно се надминува себеси и покрај спортските навики се креира чувство на исполнетост и со ваквите настани секој ден е поубав и секој е посреќен, велат организаторите на престижниот спортски настан.

На овогодишниот Виз Ер Скопски маратон традиционално ќе се одржат маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон и трката од 5 километри. Над 6.000 учесници од 44 држави во светот веќе се имаат пријавено со што настанот полека станува високо препознатлив спортско – туристички бренд во Македонија и пошироко.

Традицијата продолжува и со доделувањето на вредносни ваучери од 20 евра за купување на авионски билети преку официјалната страна на насловниот спонзор, Виз Ер. Истите се испраќаат на мејл адресата која ќе ја остави учесникот при самата регистрација.

Пријавувањето и регистрацијата за Виз Ер Скопски Маратон трае до 30 април и може да се направи преку официјалната веб страна на Виз Ер Скопскиот Маратон http://skopskimaraton.com.mk/ и преку партнерот за онлајн регистрација на Виз Ер Скопскиот Маратон, www.smartrace.club.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2017 12:37