На тениските терени во склоп на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во сабота ќе се одржи бесплатна обука за почетници.
На отворениот час, познат како „Ајде да играме тенис“, сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат со основите на тенисот.
Заинтересираните треба да се пријават на телефонскиот број 078/361 – 632 или на касата на Вип тениските терени. Во зависност од бројот на пријавени, ќе се формираат групи кои ќе бидат обучени од двајца тренери.
Пријавувањето почнува од денес и завршува во петок. Може да се пријават лица од 6 до 18 години.
Од раководството на Спортскиот центар истакнуваат дека бесплатниот час е наменет за лицата кои се почетници во тенисот, како и за сите оние кои имаат желба да се запознаат со овој спорт.
– „Ајде да играме тенис“ е проект кој го воведувме минатата сезона и на мое огромно задоволство се покажа како мошне успешен проект. Како Спортски центар одлучивме и оваа сезона да го спроведеме овој проект и да им овозможиме на сите заинтересирани граѓани и вљубеници во тенисот, бесплатен професионален час по тенис. Истиот ќе се одржи на ВИП тениските терени во склоп на Спортскиот центар Борис Трајковски престојната сабота со почеток од 10 часот, изјави Златко Перински, директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.