До затворањето на избирачките места на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Македонија izbori@jorm.mk не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираа вечерва од Обвинителството.
Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Стевчо Јакимовски на прес-конференција оцени дека денешниот изборен ден поминал мирно и достоинствено и дека сме покажавме дека можеме да направиме мирни и достоинствени избори.
По затворањето на гласачките места, Муцунски информираше дека досегашните податоци за нерегуларности кои ги добиле од набљудувачите забележале неколку нерегуларности.
Денешниот изборен ден помина мирно во фер и демократска атмосфера, но сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места, соопштуваат од Изборениот штаб на кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска.
Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека се евидентирани три случаи на фотографирање на гласачкото ливче во штипско и Сопот и два случаи во Скопје во кои било скинато гласачкото ливче.
Излезеноста на претседателските избори до 18 часот изнесува 47,61отсто, соопшти Државната изборна комисија.
Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија денеска можеа да гласаат на седмите претседателски избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Кандидатот за претседател од коалицијата Вреди, Арбен Таравари, во придружба на потесното семејство го оствари правото на глас на избирачкото место во ООУ „Единство-Башкими“ во Гостивар.
Им посака успех на сите, но додаде дека системот е чуден и дека сме ретка земја во која во вториот круг на претседателските избори има изборен праг од дури 40 отсто во парламентарен систем.
Кандидатот за претседател од Движењето ЗНАМ– За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска гласаше и на граѓаните им посака успешни избори и да победи демократијата во Македонија.