Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) официјално стана репрезентативен, кој ги застапува правата на вработените во областа на културата. Соопшти дека вчера од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска примил допис со кој му биле доставени решенијата за утврдување на репрезентативноста во културата.
Во Домот на култура „Илинден“ денеска беа изложени 30 дела изработени во техника акрил на платно и масло на платно направени за време на 16-та меѓународна ликовна колонија „Карпино 2018“ – Куманово, што се реализираше во периодот август-септември, минатата година. Изложбата е во организација на Општина Илинден и Националната установа – Центар за култура „Трајко Прокопиев” од Куманово.
„Македоника литера“ од Скопје објави превод на романот „Сапунот на Леополд Блум“ од романската писателка Нора Југа и соопшти дека се работи за комплексен роман во кој се мешаат жанрови.
Пред голем број љубители на пишаниот збор, синоќа во Гевгелија беше промовирана книгата „Искрена љубов и солзи“, второ и со автобиографски мотиви издание на гевгеличанката Мимица Јосифовска.
Во рамки на манифестацијата „Роденден на уметноста“ на Младинскиот културен центар, вечер од 20.30 часот во кино „Фросина“ ќе биде промовирана книгата „Радио“ на новинариот Љупчо Јолевски. Со повеќе од 730 страници и речиси толку фотографии, таа е избор на авторот од текстови и интервјуа што ги остварил со познати претставници на македонската културна сцена во последните пет години, објавени за Радио Слободна Европа – програма на македонски јазик.
Изложба по повод 40 години творештво на ликовниот уметник Владимир Темков, за утре организира Домот на културата “Иван Мазов-Климе” во Кавадарци. Од домот информираат дека и оваа година, интензивно продолжуваат со своите активности од областа на културата и уметноста. Самостојната изложба на академскиот сликар се совпаѓа со шесте децении од неговиот живот.
Во пресрет на 15. „Танц фест“, Националната американска асоцијација за танц (American Dance Abroad) своето внимание во јануари го посветува на Рисима Рисимкин и Културниот центар „Интерарт“, организатори на фестивалот и на работата на Скопје танцовиот театар и заслужни за развојот на современата танцова сцена во Македонија.
Националната установа – Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола објави повик за избор на најдобра фотографија на тема „Книгата и зимата“.
Младинскиот културен центар со повеќе настани од 18 часот до полноќ по седми пат ќе ја организира манифестацијата „Роденден на уметноста“.
Во библиотеката „Кочо Рацин” на Националната установа Центар за култура Крива Паланка вечерва се одржа првата поетска манифестација „Танц со зборовите”, на која настапија членови на клубот на поети и читатели „Калин”.