Вашите успеси се успеси и на нашата држава. Ќе го поддржиме финансиски филмот и ќе го зголемиме растечкиот светски интерес, им порача премиерот Зоран Заев на претставниците на три филма кои бележат меѓународни успеси: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.
Откако Министерството за култура на 8 февруари ја објави Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година, стана јасно дека не е одобрен проектот на Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) за одбележување на 9 Мај - Денот на Европа.
Градоначалникот на општина Ресен со писмо до медиумите изрази жалење и разочараност од последните распределени средства за финансирање на проекти од Министерството за култура.
Вечерва на големата сцена на Народниот театар во Велес ќе гостува балетот „Либертанго“ на Астор Пјацола, а во изведба на ансамблот на МОБ.
„Романса во малото гратче“ – автобиорафскиот роман на Григориј Канович, кој раскажува за мало место во Литванија во пресрет на Втората светска војна, деновиве излезе од печат во издание на „Прозарт медија“. Преводот од руски јазик е на Обухова Елена Сергеевна и Никола Шуканов.
Младинскиот културен центар нема да зависи од буџетската поддршка и ќе настојува да ги реализира планираните активности, меѓу кои ќе има и гостувања на странски уметници, за целата програма и обврските да се изменаџираат професионално, рече денеска на прес-конференција в.д. директорот на МКЦ Русе Арсов.
За Фестивалот за деца „Златно славејче“ кој не доби буџет за 2019 година, сепак ќе има поддршка, затоа што комисијата превидела дека доставил изјава за простор за одржување на настанот. Но одлуката на комисијата останува непроменета за Скопскиот џез-фестивал и Оффест, како и за продукцијата „Авалон“ и за фолклорниот „Пеце Атанасовски“ затоа што документацијата им е нецелосна.
Комисиите за драмска дејност и за визуелни уметности, архитектура и дизајн го завршиле преразгледувањето на одбиените апликации и остануваат на истиот став во однос на распределбата на буџетот за проекти.
Стручните комисии денеска започнаа со работа и тоа со работно време од 10.30 до 16.30 часот, период во кој медиумите имаа можност да снимаат инсерти од нивната работа и да го проследат целиот процес на прегледување на пријавите.
Ексклузивната изложба „100 години Требениште“ по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори на почетокот на март и ќе трае до крајот на август. Ќе бидат претставени златните маски од 6 век п.н.е. најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и Бугарија.