Изјавите на Димитров не помагаат, изјавил портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос за грчката државна телевизија „ЕРТ“, коментирајќи ги ставовите што вчера ги изнесе шефот на македонската дипломатија по средбата со медијаторот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц, пренесува МИА.
Вчерашните ставови на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со медијаторот, дека сме Македонци, зборуваме македонски јазик, но и дека за идентитетот не се преговара, заедно со изјавите на Нимиц дека Атина не поставила тема идентитет, ги преплавија грчките медиуми.
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вчера добил писмо со закани до него и неговото семејство во кое меѓу другото пишувало: „Имаме три куршуми за тебе“, соопшти министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Тоскас.
Последните случувања во разговорите за името му ги презентирал Никос Коѕијас на Алексис Ципрас, според грчките медиуми, на вчерашната средба во премиерската палата.
Убеденост дека до јуни ќе се реши прашањето за името, изразува шефот на грчката дипломатија во интервју за Ројтерс и вели дека решението е во интерес и на Грција и на регионот.
По разговорите во Скопје, медијаторот Метју Нимиц телефонски или на средба во Солун, ќе го извести грчкиот преговарач Василакис за средбите со македонскиот државен врв, објави грчката државна телевизија ЕРТ.
Наместо да му олесниме на соседот, ние ги нарекуваме Цигано – скопјани, вели солунскиот градоначалник и се прашува „однесување ли е ова?“.
Запрашана дали терминот „Македонија“ треба да биде дел од идното име на соседната земја, поранешната министерка за надворешни работи на Грција вели дека постојат желби, но постои и реалност.
Лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, одново го повтори неговиот став за сложено име, на македонски јазик, но во форма на еден слеан збор. Тој вели дека во целото прашање, за нив особено важни точки се учебниците и македонскиот Устав.
Алексис Ципрас се соочува со голем народен и политички отпор кон каква било употреба на терминот „Македонија“ во името на земјата.