Менаџерот на Арсенал Арсен Венгер нема да може да смета на Алексис Санчес за премиерата на новата сезона од Премиер лигата против Лестер.

„Топчиите“ сезоната ја почнаа со трофеј откако по подобро изведување на пеналите го победија Челзи во „Комјунити шилд“, но ни тогаш на теренот го немаше чилеанскиот репрезентативец.

„Добро се подготвивме и спремни сме за борба. Амбициозни сме. Физички сме во добра состојба и сите фудбалери имаа пристојна минутажа на теренот. Сега подготовките треба да ги пренесеме на мечевите. Уште е неизвесно дали ќе играат фудбалерите кои не играа против Челзи како Ремзи и Озил. Неколкумина ќе се вратат, но меѓу нив не е Санчес кој се повреди на тренинг пред два дена и некое време нема да можеме да сметаме на него. Алексис е фокусиран и е ментално силен, но кога сте повредени никогаш не е лесно“, изјави Венгер.

На прашањето за иднината на напаѓачот, францускиот стручњак одговори:

„Не можам ништо да ви кажам. Не сме отворени за понуди“.

Првиот натпревар од Премиер лигата Арсенал во новата сезона ќе го игра во петок во 20:45 часот против Лестер.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2017 13:48